Цела Македонија наскоро ќе биде индустриска зона. Ако продолжи со ова темпо да тече отворањето на технолошко-индустриски зони, (ТИРЗ), нив ќе ги има во речиси секое населено место. Владата има основано четири развојни зони со површина од околу 500 хектари: „Скопје 1“, „Скопје 2“, познати како „Бунарџик“, во Штип и во Тетово, кои се моментално функционални. Истовремено се работи на развојот на уште седум зони. Паралелно со зоните што се веќе спремни да примат инвеститори, индустриски површини масовно никнуваат во речиси секоја поголема или помала општина. Некаде веќе ги има и две, три, а се најавуваат уште нови. Покрај постојната во Штип, летово се отвори уште една зона во оваа општина. Во Тетово пред три години беше пуштена во употреба, а деновиве повторно се фрлија лопати на индустриската зона со која во јавно приватно партнерство управува норвешката „Нормак инвест груп“.
Цела Македонија наскоро ќе биде индустриска зона. Ако продолжи со ова темпо да тече отворањето на технолошко-индустриски зони, (ТИРЗ), нив ќе ги има во речиси секое населено место.
Владата има основано четири развојни зони со површина од околу 500 хектари: „Скопје 1“, „Скопје 2“, познати како „Бунарџик“, во Штип и во Тетово, кои се моментално функционални. Истовремено се работи на развојот на уште седум зони. Паралелно со зоните што се веќе спремни да примат инвеститори, индустриски површини масовно никнуваат во речиси секоја поголема или помала општина. Некаде веќе ги има и две, три, а се најавуваат уште нови. Покрај постојната во Штип, летово се отвори уште една зона во оваа општина. Во Тетово пред три години беше пуштена во употреба, а деновиве повторно се фрлија лопати на индустриската зона со која во јавно приватно партнерство управува норвешката „Нормак инвест груп“. Индустриски зони има и во Битола - „Жабени“, Кавадарци, Прилеп, Кичево, Ранковце, Радовиш, Гевгелија, Струмица, Струга, Василево, Велес... Се планираат да се градат во Македонска Каменица, Преспа, Демир Капија. Во Велес почна да се гради третата ТИРЗ во „Караслари“, по Комплекс „УЗУС“ и „Речани 2“.
Надлежните од сите овие општини најавуваат наплив од странски фирми во зоните во кои се веќе лоцирани извесен број на домашни компании. И во Кавадарци се најавува изградба на уште една зона, покрај постојните три. Градоначалникот Александар Панов предлага почетната цена, наместо
1 евро за квадрат, да стане нула денари, со цел да се привлечат што повеќе инвеститори.
Навистина е голем бројот на зоните како и на оние што допрва се планира да се изградат. Но, се' уште не можеме истото да го кажеме и за бројноста на инвеститори. Моментално во „Скопје 1“ функционираат „Џонсон контролс“, првата странска инвестиција од 2007 година, „Џонсон Мети“, „Ван Хол“, „Текнохозе“, „Кемет електроникс“, „Протек груп“ и „Мадерсан груп“ (која се' уште не започна со работа).
Неодамна „Џонсон Мети“ во оваа зона го отвори вториот погон, а „Џонсон контролс“ летово почна со втората инвестиција во Штип. Во битолско „Жабени“ од пролетва годинава работи германската „Кромберт и Шуберт“, а деновиве се промовира грчката инвестиција на „Виндор“. Во Кавадарци една година функционира германската „Дрекслмаер“, која деновиве информира дека вработила околу 1.000 луѓе, а уште 3.000 ќе вработи до крајот на годинава. Во тетовската зона нема засега ниту една инвестиција. Таму треба државата да вложи околу 7 милиони евра во следните 7 години за изградба на инфраструктурни работи.
Моменталните вкупни инвестиции на странските компании во зоните изнесуваат 220 милиони евра, а се вработени околу 2.000 лица.
Наспроти ниската бројка на инвеститорите, големи се најавите за скоро доаѓање на фирми од странство. Од Владата посочија дека наскоро ќе има нови инвестиции во Битола, во Штип хрватската „Кумал“ најави отворање фабрика за термоизолациски материјали, а според Агенцијата за странски инвестиции, во тетовската зона се при крај работите со потпишување договори со три компании од Норвешка, Албанија и Турција, додека во тек се преговори со компании од САД и од Швајцарија.
На сите владини роуд-шоуа низ светот, како и бизнис-средби, форуми и презентации, кај нас или во странство, упорно се презентираат големите можности за инвеститорите во индустриските зони.
На секој странски инвеститор му стојат на располагање по половина милион евра
Според член 8 од Законот за технолошко-индустриски развојни зони, Владата може да учествува во трошоците за изградба на градежен објект во зоната, максимум до 500 илјади евра. Критериумите се следните: 100.000 евра за инвестиции од 1 до 2 милиони евра и 20 вработувања, 200 илјади евра за инвестиции од 2 до 5 милиони евра и 40 вработувања, 300.000 евра за инвестиции од 5 до 10 милиони евра и 60 вработувања, 400 илјади евра за инвестиции од 10 до 15 милиони евра и 80 вработувања и 500 илјади евра за инвестиции над 15 милиони евра и над 100 вработувања.
На корисникот на зоната, според Законот, Владата може да му додели и помош за оправдани трошоци за дополнително образование и усовршување на работниците. Износот може да е до 50 отсто од трошоците за општо усовршување и до 25 отсто за посебно усовршување. Во овие трошоци влегуваат патните и другите трошоци на предавачот и на лицата кои ќе се усовршуваат, трошоци за амортизирање на машините, за консултации и друго.
Кои се поволностите за странските инвеститори?
Инвеститорите во ТИРЗ за период од 10 години се целосно ослободени од плаќање данок на добивка, а плаќаат 50 отсто персонален данок на доход во период од 5 години. Земјиштето се дава под закуп за период до 99 години по цена од 1 евро за квадрат. Инвеститорите се ослободени од плаќање надомест за уредување на градежното земјиште што го плаќа Владата во корист на локалната самоуправа, како и од надомест за градежни дозволи, што е на товар на буџетот. Ослободени се и од ДДВ и царински давачки при увоз на материјали, како и од данок на промет, а државата им дава бесплатен приклучок за гасовод, водоводна и канализациска мрежа.
Според правилата на Дирекцијата на ТИРЗ, закупците се обврзани да потпишат договор со Владата за користење на земјиштето со што се обврзуваат да ги заштитуваат локациите, земјиштето, патиштата и другите работи во ТИРЗ. Закупецот треба да депонира средства или банкарска гаранција за да се покријат можните штети на инфраструктурата. Во зависност од големината на површината на земјиштето, гаранцијата за новите градби се движи од 500 илјади денари, до 1,5 милиони денари, а за реконструкции и доградби се плаќаат фиксно 500.000 денари. Парите стојат како гаранција додека трае изградбата или реконструкцијата на објектот.